Црковната свеќа е свет поим во Православието. Таа е символ на нашиот духовен сојуз со светата Мајка – Црква.
Свеќите, кои верниците ги купуваат во храмот, за да ги запалат на свеќниците покрај иконите, имаат неколку духовни значења: бидејќи свеќата се купува, тоа е знак на доброволна жртва на човекот кон Бога и кон Неговиот храм, изразување подготвеност за послушност кон Бога (мекоста на восокот), стремеж кон обожување, преобразување во нова творба (горењето на свеќата). Свеќата, исто така, е сведоштво за верата и за присоединувањето на човекот кон Божествениот свет. Свеќата ја покажува топлината и пламенот на човечката љубов кон Господа, Мајката Божја, Ангелите или кон светителот, во зависност кому е запалена свеќата.
Запалената свеќа е символ и видлив знак кој ја покажува нашата искрена љубов и благовеление кон оној, кому е посветена. И ако ги нема љубовта и благоволението, тогаш свеќите немаат никакво значење, а нашата жртва е залудна.
За жал, тоа се случува премногу често. Многумина, кои палат свеќи за здравје, за покој, за успех во било каква работа, не само што не ги љубат искрено оние, за кои ги палат свеќите, но и не знаат за кого ги палат свеќите.
Некои од нас си спомнуваат за Бог, за Богомајката, за светителите, само што ќе влезат во храмот, и тоа на неколку минути, па мислат дека е доволно да се запали пред иконата свеќа – и нашата молитва ќе се исполни. Па зарем на Бог, Богородица и светителите им се потребни свеќите!
Честопати, живеејќи како неверници, како јазичници или, уште полошо, не знаејќи го Законот Божји, ние мислиме дека, откако сме ја запалиле свеќата, стануваме чисти и праведни. Зарем свеќата може да го умоли и смилостиви Бог врз нас!
Се случува и полошо. Некои не само што не го сметаат за грев лажењето, угнетувањето, крадењето, но уште и се радуваат кога тоа им успева да го направат. А потоа размислуваат дека, ако во празник запалат свеќи во храмот, или, пак, запалат кандило пред домашната икона, тогаш Бог нема да погледне врз нивните лаги, угнетувањата и навредите.
Колку страшно паѓаат во заблуда овие луѓе! Без љубов кон Бога, без љубов кон ближниот, како кон самиот себе, без исполнување на Господовите заповеди – нашите свеќи никогаш нема да ни користат.