Десет основни грешки

ДЕСЕТ ОСНОВНИ ГРЕШКИ

1. Природно е, живите битија да растат, но кога е веќе така, барем не брзајте да пораснете! Во вашиот период, во детскиот период, сè има своја голема и длабока смисла а во прв ред, самиот живот. Тогаш, ништо не е бессмислено и без врска. Животот е вистинска работа, величествена појава а светот, целисходна твар зад која стои голем Ум, премудриот Творец. Со растењето, со годините, во контактот со уморните, рамнодушните и разочараните луѓе, во контакт со отровите и глупостите на светот, тоа чувство се разводнува, се валка, а честопати и се губи. Навистина, возрасните губат многу способности, а во прв ред, ја губат способноста животот да го доживуваат на вистински, автентичен начин. Во таа смисла, за сведоштвото на животот, честопати се поважни чувствата на децата отколку мислењето на луѓето. Да, само детето вистински го чувствува животот. Само детето има интуиција за животот како феномен и за бројните феномени на самиот живот. Само детето длабоко чувствува дека животот не е некоја случајност и обична бесмислена работа. Навистина, треба да се биде чист и невин, како што детето е чисто и невино-за вистински прием на животот и за негово објаснување. И затоа, уште еднаш-не брзајте да пораснете!

2. Рековме дека, природно е, живите битија да растат и затоа и вие еднаш ќе пораснете. Растете, растете, но знајте дека ненадополнива грешка е ако во себе не се сочува детето до длабоката старост, до крајот на животот, до последниот час. Уште повеќе, вистински престап е, ако не се спојат во себе, во текот на патувањата низ животот,-детето и староста, невиноста и мудроста, радоста на живењеето и откритијата на духот. Детето во нас, во сите периоди на животот, единствен е гарант за човечност, на чистата игра и искуствените зачини. Детето во нас, трајна е човечка шанса-чудото да остане чудо а надежта да остане свежа. Детето во нас, противотров е за сите земни отрови, лек за болестите, против староста па и против самата смрт.

3. Апсурдно е да се очекува поединец да го промени целиот свет. Апсурдно е та колку и да е поединецот млад, полн со занес и идеи. Затоа е доволно, ако поединецот се менува себеси, секогаш само на добро, на добро во сите насоки и на сите нивоа. Особено, ако се менува на добро на морален план. Ако се продухови, очовечи, облагороди. На тој начин, единствено на тој начин, поединецот може да го менува светот. Тргнете од себе и раздвижете ги другите! Светот се менува, ако вие се менувате.

4. Не го сметајте срцето за обичен мускул. Не се однесувајте така кон него. Срцето, претворено во обичен мускул, лесно заболува, почесто заболува, пред време и неочекувано откажува послушност. Трудете се срцето да ви биде Срце. Топло, големо, радосно и над сè-семилосно. Бидете срце и за себе и за другите. Само таквото срце, долго живее и трае. Трае сè додека на било кој му е потребно. А секогаш постои некој на кого нашето срце му е потребно.

5. Науката вели дека користиме само 10 посто од нашиот мозок. Останатите 90 посто не успеваме да ги активираме. Каков хендикеп! Каква несреќа! Кој знае каде би стигнале, кој знае до што би дошле, кој знае колку би ги унапредиле своите сопствени животи и би станале посреќни и ние а би ги направиле посреќни и другите? А зошто тоа не ни поаѓа од рака? Според сè судејќи, во прашање е мрзливоста на човечкиот дух и опортунизмот на телото. Каква грешка! Колку непростива грешка! И зарем тогаш, неумесно е да се каже дека во текот на животот работиме единствено против себе?

6. Во светот, секој час, нешто друго е во мода. Не треба да се поведуваме според модата, за преодното и привидното, а да го запоставуваме или уште полошо-да го негираме трајното, вечните пораки и поуки, неминливата мудрост на минливиот свет, вистинската цел и смислата на човечкиот престој на земјата. Модата и пратењето на модата најчесто е излегување од коритото на животот. Тука, човечката личност полека умира на најглупав и најбесмислен начин. Модата за тоа и е татковина.

7. Живееме во свет на парите. Денес скоро сите мислат дека без пари не може ништо да се доживее. И навистина без пари не се може, ако така се мисли. Но, ако го промените тоа мислење, многу брзо ќе дознаете дека многу нешта во животот можат да се доживеат и да се остварат без пари. Без пари, можете на пример да се молите, а тоа задоволство не може да се купи со пари. Ова е само еден пример. За наведување на други, не би ни била доволна цела една фабрика за хартија. Размножувајте ги примерите од овој вид!

8. Еден познат философ рекол:„Изгубениот момент, ниту вечноста може да го надокнади“. Значи, голема грешка е да се губи време, а притоа да не се користи моментот. Секој момент е исто толку значаен колку целиот живот, особено, кога ќе се согледа кусиот век на животот.

9. Во текот на животот, не се оддалечувајте од Бога, за притоа да се враќате кај Него во тешките животни моменти, во кризи, болести, во предсмртниот час. Секогаш бидете со Него, зашто тоа е и морално и чесно.

10. Грешка е да не се земат во предвид наведениве грешки.