Христијанинот е подготвен да претрпи сѐ, само да не ја изгуби благодатта

Давајте, и ќе ви се даде. Зашто со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери. Овие Господови зборови постојано се исполнуваат на мене. Според можноста, давам сѐ што поседувам и што добивам од другите, според Божјата промисла, сѐ во изобилие. Каква ли само поплава од различни добра без мера и крај. Оче, Ти благодарам за Твојата штедрост и за сета утеха.

*

Јас лично не поседувам свои пари. Тие ми се даваат. Честопати не знам од каде доаѓаат. Поради тоа, и не гледајќи ги давам таму каде што можат да бидат од полза. Ако и секојдневно те молат за милостина, биди подготвен да ја даваш. Не ја даваш твојата своина, туку Божјата. Твоја е само добрата волја. Ти си само извршител Божји, слуга на малите Христови браќа. Затоа, радосно и смирено врши го своето дело. Таквото извршување богато и прекумерно ќе ти биде наградено. Така, и ти биди дарежлив кон другите и немој да им даваш според заслугата, туку според нивната потреба. Сето добро што им го правиш на другите ќе ти биде вратено порано или подоцна, како што и сето зло што си го нанел некому се враќа во твојата внатрешност. Имај на ум дека Бог е праведен во најголема мера, до последниот збор.

Христијанската љубов попрво би прифатила да поднесе какво било ограничување отколку да си дозволи лутина, огорченост или негодување кон оние што поради својата сиромаштија или слабиот карактер постојано нѐ вознемируваат и живеат на сметка на другите. Зашто, каде што е љубовта, таму е и Божјата благодат, добрина, мир и изобилие. Христијанинот е подготвен да претрпи сѐ само да не ја изгуби благодатта, која за него е највозвишеното добро.

 

свети Јован Кронштадски

Извор: мпц.орг.мк