Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
„Господи го возљубив благолепието на Твојот Дом, и местото каде што пребива славата Твоја“ (Пс. 25, 8).
Денес браќа и сестри го осветивме овој манастирски храм која што е посветена на преподобната мајка наша Параскева – Петка, која што е од нашиот род Македонски, родена во градот Епиват кај Цариград, која што уште како девојка го напуштила овој свет и заминала во пустињата да се подвизува и да му угоди на Бога со постојани пости, молитви и подвизи и горешти солзи пролеани за свое спасение и спасение на целиот род човечки. Нема поголема радост од тоа да се посвети храм на Бога во кој ќе дојдат верните да се молат и да се принесуваат бескрвни жртви во него. Затоа нашата Света Црква, знаејќи дека Христос нашиот Бог е со нас до крајот на светот и векот, но најприсутен е во храмот Божји, каде што се собираме ние според зборовите Христови „Таму каде што се собрани двајца или тројца во Мое име, таму сум и Јас“ Па еве и ние, иако не сме двајца или тројца, туку неколку стотици луѓе, дојдовме да се помолиме Светиот Дух да се излее изобилно врз овој манастирски храм, зашто Господ сака да живее во своите светињи.
Така, кога зборуваме за храмовите, дали се тоа парохиски, соборни или манастирски сè едно, тие не се храмови се додека не дојде архиерејот и го освети и положи свети мошти во него, во овој свет престол, како што тоа го направивме денес и положивме свети мошти на маченици кои пострадале за нашата света вера православна. Зашто е кажано дека Црквата почива врз мачениците, врз нивните свети мошти. А што се тоа мошти? Тоа се нивните останки, дали се тоа целосни, или делови од нивните тела или коски, кои се свети, зашто Господ по зборовите на Светиот апостол Павле вели: зар не знаете дека тела ваши се создадени да бидат храмови на Светиот Дух (1 Кор. 3, 16). И тие за да бидат такви и ако се очистени преку молитви, подвизи, пост, тогаш се свети, па така и храмовите, само ако се осветени тогаш се свети. Како што едно тело не е свето ако душата не чиста, не е осветена, просветлена и умот не е просветлен, срцето не е очистено, ако волјата човечка не е покрената да прави добри дела, тогаш ние велиме: тоа тело, кое нема света душа, тоа е само тело, но не е и свето, туку е мртво во поглед на духовниот живот. А она тело, кое има света душа, просветлен ум, очистено срце и волја поттикната на добри дела, тоа тело е она кое тежнее кон светоста и го очекува нејзиното настанување во Царството Небесно.
Така и секој храм, сè додека не се освети, тој не е црква. А Црква значи заедница на верните собрани со своите свештенослужители, околу својот владика во една епархија. Каде што е владиката, таму е и Црквата. Но ако е сам владика, без свештеници и монашто и верници – таму Црква нема, но исто и ако има верници, и свештеници и монаси, а нема владика – таму исто нема Црква. Во Црквата, најбитно е да има Благодат Божја која на самиот ден на осветувањето од Небесата се спушта, како што и при Соломоновиот храм кога бил изграден, изобилно се спуштила Благодатта Божја, така и на секој свет храм кога се осветува. И оние кои имаат духовни очи, кои живеат духовно, ако не го гледаат, го чувствуваат слегувањето на Светиот Дух на Божествената Литургија и на чинот на осветувањето на еден храм, што значи ако Божјата Благодат не слезе, односно ако тој не биде осветен од архиереј тогаш тој не е свет храм, туку обична градба како што е секоја обична куќа, а дури и куќите се осветени од свештени лице, па така, дури и помалку од куќа.
Зашто се прават храмовите? За да се собираме во нив на заедничка молитва , а молитвите се од Бога дадени и ние се соединуваме со Бога преку молитвите. Кога се молиме дома или на друго место, тоа се наши лични молитви и тие се добри, но не се најсилни, вистинската силна или најсилна молитва е во светиот храм кој е осветен, како што и овој храм го осветивме. Каде што се собираат верните на богослужба која ја служат свештенослужителите тогаш се случуваат чуда, а се случува и најголемото чудо на Божествената Литургија, на овој жртвеник, или на овој престол, се принесува благословен леб и благословено вино, а на најсветиот дел од литургијата именуван Канон на Евхаристија, Светиот Дух слегува врз овие Дарови и го осветува благословениот леб и благословеното вино и ги претвора во Тело и Крв Христови. И оние што дошле на Божествената Литургија подготвени со подвизи, пост и молитви се причестуваат со Телото и Крвта на нашиот Спасител и Бог и имаат живот вечен, според Неговите зборови: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв ќе има живот вечен.“ Они што не го јадат Неговото Тело и не ја пијат Неговата Крв, оние што не се причестуваат подготвени, тие немаат живот вечен. Но трудете се на сите литургии, особено во неделите и празниците да се причестувате, зашто кој не се причестува, нема живот вечен како што вели Господ Исус Христос. Затоа, треба да се собираме во храмовите на заеднички молитви, зашто молитвата кога се сите собрани, кога се случува најголемото чудо на Литургијата, тогаш сите посакани молитви за спасение на душите наши и на ближните и на сите, ги прима Господ според Неговата милост, а не според нашите заслуги. Секогаш треба да доаѓаме во храмот подготвени, одвечер, ако утре има Литургија, да се присуствува на Вечерна богослужба, зашто денот е создаден од вечерта: „и би вечер и би утро, ден прв“
Има нешто што е сеуште присутно во храмовите, а од кое не успеавме да се ослободиме, а тоа се гатачите и бајачите, оние кои според внушение на ѓаволот почнуваат да кажуваат и да проповедаат нешто што нема никаква врска со верата наша, света Православна. Вистинското учење за верата е забележано во Светото писмо и Светото предание.
Во учењето на светите Апостоли, на Вселенските собори на Помесните собори и на Светите Отци, е содржано чистото и проверено учење на нашата света Црква. Секое друго учење, дали тоа ќе го зборува некој верник, бајач или гатач или некој свештеник, кој за жал се поврзал со бајачи и гатачи, е од лукавиот. Ако има такви, кажете ги, да ги поучиме да се вратат на правиот пат или да ги расчиниме. И владика исто така, ако проповеда поинаку од колку што е кажано во Светото Писмо и Светото Предание, од учењето на светите Апостоли, на Вселенските собори, на Помесните собори и на Светите Отци, кажано е анатема да биде, проклетство да биде, зашто тоа не е вистинското учење на нашата света и православна Црква. Затоа, за гатачите и бајачите е предвидена казна 50 години да не можат да се причестат, но ако се поправат и покајат, Господ е милостив, Светите Отци предвидиле намалување на казната согласно со поправањето нивно, ако видиме дека целосно се поправиле и откажале од тоа и почнале вистински живот да живеат им се намалува казната на 20, на 10 години, на 5, па дури и на 2 години, само ако целосно се откажале од тоа и покажале вистински порив и вистински живот, според нашата Света православна Црква. Такви ги има и меѓу светителите како што бил Светиот Кипријан, кој бил слуга на ѓаволот и дури летал во облаците, но Јустина монахињата го просветлила неговиот ум со светлината на верата, дека Господ Бог нашиот Спасител е Оној што спасува и само Нему треба да му служиме, па од гатач, бајач и слуга на ѓаволот станал светител и образец како треба да се бориме против гатачите и бајачите.
Да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, да ги очисти нашите срца, да ги просветли умовите, да ни даде сила да имаме волја покрената за правење на добри дела. Амин! Нека е честит празникот и честито осветувањето на овој свет храм. АМИН!