Протоереј Александар Илин често го нарекуваат духовен преемник на свети Јован Кронштадски. Такви пастири, кои умееле со светлината на љубовта да ги покриваат недостатоците и грешките на другите, имало малку. Повеќето од нив се веќе вброени во диптихот на светите. Самиот отец Александар воспитал повеќе поколенија на достојни ученици, меѓу кои – и познатиот духовник денес, протоереј Јован Миронов. Патот на пастирот, скромен светилник и опитен духовен лекар Александар Илин, сеуште треба да се открива и дополнува со нови сведоштва и спомени, а сега пренесуваме неколку негови поуки.
За благодарењето
Благодарноста на оној кој примил некој дар, го побудува оној што дал, да дава дарови, поголеми од претходните.
За постот
Постот – е почеток на добродетелите, но тоа е условна добродетел, и во неа секому му се дава неговата мера. Суштината во постот не е во убиство на телото, туку во тоа, истото да се држи во рамки, во мера.
Трпезата на љубовта е поголема од постот. Во лицето на ближниот треба да го примаме Господа.
Болеста е поголема од постот. Болеста е очистување, и тогаш постот се прекинува или ослабува.
За односот кон ближните
Колку човек е повисоко на духовната скала, толку поснисходлив е кон грешниците.
Разговорите можат да бидат средство за олеснување, утеха на луѓето. Најважно е, да се избегнува осудувањето за време на разговорот. Чувството на осудување треба да го замениме со чувството на сострадание, затоа што луѓето најчесто се наоѓаат во слепило и робство. Треба да го жалиме секој човек, каков и да е.
Не барајте ја својата полза, но ползата на ближниот.
Зависта – е чисто ѓаволско дело и не прави негови соучесници.
Навредата ќе ја извадиш од своето срце дури тогаш, кога заедно со оној кој те навредил, ќе се радуваш со неговата радост. За да се достигне тоа, треба да бараме од Бога, да се молиме, да му помогнеме во нешто на човекот, на кого сме му се налутиле – да одиме по патот на љубовта, која го брише гревот на ближниот.
Не треба да изобличуваме и обвинуваме. Самиот Господ ќе изобличи. А тебе, трпението и поднесеното искушение Господ ќе ти ги прими како подвиг.
За духовните совети
Да зборуваме за религиозни прашања со надворешни луѓе, на пример, на работа, треба само кога нè прашуваат.
Ако сакаш некому да помогнеш со збор, не зборувај со тон на некој кој учи, туку кој се учи.
Треба да се зборува во онаа мера, во која може да прими човекот. Доколку човекот не прашува, но ти знаеш за некој предмет, кој може да му биде интересен – сепак не треба ништо да зборуваш. Затоа што човекот зборува за она што го боли, а ако не го боли, нема да го прими твоето слово.
Со Словото Божјо треба да се однесуваме многу внимателно. Подобро е да молчиме. Молчанието собира, а разговорот расејува. Треба да се трудиме, во малку зборови да искажуваме многу. Кој не го заузда својот јазик, не може да се справи ни со друго.
Не зборувај кога не те прашуваат. Ние ја зголемуваме мерата за казна на Судот на оние, на кои им зборуваме. Ревноста за поправање на другите – е недостаток. Болните имаат потреба од грижа, а не од поука.
Извор: http://www.pravoslavie.ru/102970.html